Моќна македонска реклама за Часот на планетата Земја!

Added by Earth Hour Macedonia on 9th март 2016 in the category Прес.

На 10 дена до најголемата светска еколошка акција кога во едночасовен мрак ќе потонат преку 7000 града во над 170 држави, организацијата на Часот на планетата Земја во Македонија официјално го промовираше македонскиот видеоспот за акцијата за 2016 година.

Во едноминутното моќно видео се појавуваат инсерти од локациите кои го исклучија осветлувањето за Часот на планетата Земја изминатите години, но и кадри од центарот на Скопје кои ќе ви го одземат здивот.

– „Навистина беше предизвик да се сними една ваква моќна реклама која ја става Македонија на мапата како една од најголемите земји кои ја одбележуваат оваа светска еколошка акција, но во исто време и ја промовира убавината на нашиот главен град и останатите локации кои ги прикажуваме во рекламата, на глобално ниво. Посебно интересен е моментот кога волонтерите на Црвениот крст заедно со познатите личности ги пуштаат во воздухот хартиените фенери, со што всушност ја пренесуваме главната порака на акцијата оваа година – да заблескаме светлина на климатските промени!“ – изјави Ѓорги Селков, главен иницијатор на акцијата Часот на планетата Земја во Македонија.

И македонските познати личности ја искажаа својата поддршка за акцијата. Сашко Коцев, Димитар Атанасовски и Огнен Јанески се само дел од личностите кои оваа година ќе ги исклучат светилките за Часот на планетата Земја, испраќајќи порака за опасноста од климатските промени.

– „Приклучи се, заблескај светлина на климатските промени“ изјави пејачката Теа Трајковски, додека Сашко Коцев ги покани сите граѓани на Македонија да се вклучат во акцијата и да ги исклучат светилките на 19 март во 20:30 часот.

[gss ids=”547,544,545,546,548,549″]

Иако локациите на кои ќе биде исклучено осветлувањето во Скопје, но и низ целата Република сѐ  уште не се официјално објавени, организаторите најавуваат дека ќе биде надминат минатогодишниот број од 64 локации кои потонаа во мрак за Часот на планетата Земја.

– „Од година во година расте поддршката и свеста кај граѓаните за оваа акција. Ја користам оваа пригода јавно да ги поканам градоначалниците на општините во нашата земја да го прифатат нашиот еколошки предизвик и заедно да покажеме дека Македонија може да ги промени климатските промени, заедно со останатите 169 земји ширум светот. Атрактивните локации кои оваа година ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја, заедно со останатите информации за централното одбележување на акцијата во Скопје ќе бидат откриено на официјалната прес-конференција идната недела.“ – додава Селков.

Оваа година, акцијата Часот на планетата Земја е поддржана од Црвен крст на Република Македонија, Град Скопје, ЕВН Македонија и Канцеларијата на УНДП во Македонија. Голема поддршка  за акцијата даваат и голем број медиуми, невладините организации, бизнис секторот и граѓаните.

Грандиозните кадри во спотот ги снимија Алдин Капетановиќ, Атанас Стојановски и Ева Зовиќ.

Инаку, Часот на планетата Земја претставува најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.

Следи нѐ секаде!

youtubeinstagram