66 локации ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја!

Added by Earth Hour Macedonia on 18th март 2016 in the category Прес.

Седма година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 178 земји и 7000 града ширум светот.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени!

Македонија оваа година го надминува минатогодишниот рекорд на исклучени локации, па така годинава вкупно 66 локации ќе ги исклучат светилките за Часот на планетата Земја во нашата држава.

Централниот настан е закажан на плоштад Македонија, кога во 20:30 часот веднаш по исклучувањето на целосното осветлување, скопјани ќе бидат сведоци на неверојатен флеш моб перформанс организиран од денс клубот Аква проследен со флуоресцентни светечки ефекти, а настапот ќе биде поддржан од волонтерите на Црвениот крст кои ќе го осветлат плоштадот со над 300 свеќи, испишувајќи го логото на акцијата – „60+“.

Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат и Улица Македонија, Палата Пелистер, Ристиќева палата, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, Паркот „Жена борец“ со спомениците, објектот на АЕК, Јавното обвинителство на Република  Македонија, Министерството за надворешни работи, Плоштадот Филип Втори, Мостот „Око“ и  Мостот на уметноста.

[gss ids=”576,577,578,579,580,581,582,583,584,585,586″]

И скопските општини Аеродром, Карпош и Гази Баба најавија своја поддршка кон акцијата и во 20:30 часот ќе го исклучат осветлувањето на повеќе локации на својата територија.

Во Охрид, пак, во мрак ќе потонат Црквата Света Софија, Градскиот плоштад и гимназија Свети Климент Охридски.

Своја поддршка кон акцијата најавија и градовите Струмица, Велес, Крушево, Ресен, Радовиш, Струга, Куманово, Кавадарци и Берово, а осветлувањето ќе биде исклучено и во резерватот Јасен, цементарницата Усје, трговските центри Капитол Мол и Скопје Сити Мол, како и салоните на мобилниот оператор оне.ВИП.

– „Можам само да потврдам дека оваа година го имаме најголемиот час за планетата Земја во Македонија. Ги повикувам сите граѓани да ја покажат својата моќ и да ги исклучат светилките оваа сабота во 20:30 часот. Ако е мрак, нека е еколошки мрак!“ – изјави Ѓорги Селков, претседател на Здружението Часот на планетата Земја.

Во Часот на планетата Земја четврта година по ред се вклучува и Црвениот крст на Република Македонија кој преку своите 34 општински организации и Црвениот крст на град Скопје помагаат во проширување на акцијата низ целата Република.

– „Активностите на Црвениот крст се насочуваат кон дејствување при природните катастрофи, но исто така и превенирање од истите. Со овој мал гест на исклучување на светилките во тој еден час сметаме дека ќе дејствуваме превентивно кон климатските промени чие влијание го чувствуваме секојдневно, па затоа Црвениот крст ќе продолжи и во наредните години активно да ја поддржува оваа глобална акција.“ – изјави Софија Стојановска, претставник на Црвениот крст на Република Македонија.

Освен овие локации, во многу кафулиња низ главниот град, но и низ Републиката ќе бидат организирани разни настани за одбележување на Часот на планетата Земја. Еден од тие настани е во организација на ЕВН Македонија.

– „Се работи за уникатен перформанс – театар на сенки и акустична музика што ќе се одржи во Даут пашиниот амам во Старата скопска чаршија. Гостите ќе можат да ја проследат специјалната претстава посветена на Часот на планетата Земја, а сите заинтересирани, во интерактивниот дел од претставата, ќе можат да научат како и самите во своите домови да изведат театар на сенки.“ – изјави Искра Тикваровска, од ЕВН Македонија.

ЕВН Македонија и оваа година ќе го поддржи здружението Часот на планетата Земја во Македонија. Заеднички е најавен и конкурсот на тема „Како ќе го одбележите Часот на планетата Земја?“ во чии рамки, ќе се одберат најдобри 10 фотографии и видеа од одбележувањето на акцијата во Македонија, а наградените ќе добијат сет од 10 ефикасни лед светилки. Во конкурсот ќе учествуваат сите оние кои на социјалните мрежи ќе објават фотографија или видео со ознаката #EarthHourMK или пак ќе ги испратат фотографиите и видеата преку емаил на [email protected]

Оваа година акцијата е поддржана и од Канцеларијата на УНДП во Македонија, од каде говореа за сериозноста на проблемот поврзан со климатските промени.

– „ Направени се многу анализи за тоа како климатските промени влијаат на различни сектори и аспекти од нашиот живот, од енергетика и транспорт до земјоделство и здравство, но дадени се и конкретни пораки и акции што треба да се направат со цел да се намалат емисиите на гасови или подобро да се адаптираме на промените кои ќе настанат. Утрешната акција – Часот на планетата Земја е еден начин секој од нас на индивидуално ниво да даде свој придонес во акцијата за спречување на климатските промени, да биде модел за останатите и да заблеска.“ – изјави Павлина Здравева, од УНДП Македонија.

Поддржувачи на акцијата оваа година се Градот Скопје, Црвен крст на Република Македонија, Канцеларијата на УНДП во Македонија и ЕВН Македонија.

За крај ја испраќаме пораката – МАКЕДОНИЈА, ВКЛУЧИ СЕ ВО АКЦИЈАТА И ИСКЛУЧИ ГИ СВЕТИЛКИТЕ ОВАА САБОТА ВО 20:30 ЧАСОТ!

Следи нѐ секаде!

youtubeinstagram